23 Мај –Патронен празник на СОУ„ Коле Нехтенин“- Штип

Во пресрет на 23 Мај –Патрониот празник на СОУ„ Коле Нехтенин“- Штип , денес учениците и наставниците со пригодна свеченост го одбележаа претстојниот празник.
Оваа година се навршуваат седумдесет и пет години од смртта на Никола Симон Ѓорѓиев- Нехтенин.
Учениците и наставниците уште еднаш му оддадоа најдлабока почит и признание на својот сограѓанин и борец Коле Нехтенин, патронот и заштитник на училиштето, којшто го даде својот живот за слободата на нашата татковина, Република Македонија.
За ликот и делото на Коле Нехтенин зборуваа учениците, а свое обраќање пред присутните имаше и директорот на училиштето проф. Сашко Јордев.
Во пресрет и на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители им беше оддадена достојна почит и признание и на светите браќа Кирил и Методиј, коишто на Словените им ја дадоа „светлината на сонцето“ и „најмоќното оружје“ во борбата против непријателот, писменоста.
Учениците имаа и свое обраќање кон наставниците:
„….овој ден Ви го посветуваме и Вам, почитувани наставници, и Ви благодариме што секој септември ги отворате вратите на ова училиште, портите на Вашите срца и не водите низ тајните на науката и техниката, но и низ крстопатите на животот. Ви подаруваме парче душа, зборови создадени од земја и злато, воздишка и почит, бескрајна љубов и благодарност.“
Присутните ја проследија драмската претстава „Цел живот за само еден ден“, со којашто членовите на Драмската секција, се претставија на МАССУМ, а учениците од Литературно-рецитаторската секција се претставија со свои наградени лични творби.
На сите ученици коишто беа вклучени во одбележувањето на Денот на Европа во Штип, под мотото „ЕУ ЗА ТЕБЕ“, Сертификати им додели проф. Ана Јовева.
Во текот на учебната 2017-2018 година, учениците учествуваа на повеќе Општински, Регионални, Државни и Меѓународни натпревари и се здобија со многу награди и признанија и потврдија дека во Соу„Коле Нехтенин“- Штип, има што да се научи, а наученото да се афирмира и претстави надвор од училиштето на најдобар можен начин.
На сите нив, директорот им додели Благодарници за успешно ангажирање во активности за афирмирање на училиштето и им посака многу успеси во иднина.
Благодарници им беа доделени и на фирмите, компаниите и угостителските објекти коишто на нашите ученици им овозможуваат стекнатите знаења да се претворат во пракса и трајни знаења.
На крајот од свеченоста за сите присутни од страна на учениците од Туристичко-угостителската струка беше приготвен скромен и пригоден коктел.

Leave a Reply

Your email address will not be published.