Светски ден за сеќавање на жртвите во сообраќајни незгоди
На 18.11.2021 год. пред СОУ„Коле Нехтенин“ Штип се одржа настан со кој се одбележи Светскиот ден за сеќавање на жртвите во сообраќајни незгоди, во присуство на претставници од училиштето, НУ-УБ „Гоце Делчев“Штип, МВР- СВР Штип- Отсек за превенција и Советот за безбедност во сообраќајот.
Во улога на службени униформирани лица, учениците делеа флаери на возачите и случајните минувачи пред училиштето. Претставници од МВР- Отсек за превенција, за учениците од СОУ„Коле Нехтенин“ Штип одржаа предавање преку кое беа презентирани правилата за однесување и заштита при учеството во сообраќајот.Потоа преку литературно читање учениците имаа свое обраќање и пред присутните упатија силна порака дека човековиот живот е бесценет, посебно животот на младиот човек кој допрва треба да живее.
Дел од учениците беа на прием и кај градоначалникот на Општина Штип, г.Иван Јорданов и директорот на ЈП„Стипион“ г.Игор Ефтимов и имаа можност од прва рака да слушнат за предвидените активности на Општината за зголемување на мерките на безбедност, а со цел поголема заштита на учениците.
Денешниот ден СОУ„Коле Нехтенин“ Штип му го посветува на Седат Мустафа, ученикот којшто пред три години, токму во ноември беше прегазен од несовесен возач на пешачкиот премин пред училиштето и кој по неколкудневна борба ја изгуби битката за сопствениот живот.























